Приведени вработени од затворската полиција и поранешен директор на затворот Шутка


Полицијата презеде голема акција во која утрово е приведен Филип Андонов Сокол, поранешен директор на КПУ Затворот во Шуто Оризари и Сашко Крстевски Ѕверот, заповедник во истиот затвор.
Приведени се и повеќе поранешни и сегашни вработени во затворите кои, според сознанијата, работеле незаконски и биле дел од криминална мрежа, потврдуваат од Управата за спроведување санкции.
Од Обвинителството за гонење органииран криминал и корупција, известуваат дека акцијата е во тек.
„Под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по Наредба на судија на претходна постапка полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при МВР извршуваат претреси на локации во Скопје. Подетални информации во текот на денот“, велат од ОЈО ГОКК.
