Македонија

Димитриеска-Кочовска до Петровска: Врз која основа вие ги ставате в уста мајките што имаат деца, јас сум мајка на два сина и добро знам колку троши 4 члено семејство

Жестоко во собраниската сала на седницата на која се поставуваа пратенички прашања.Реакции на социјалните мрежи предизвика изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска ја праша врз основа на што ги става в уста мајките што имаат деца, таа е мајка на два сина и многу добро знае колку треба да троши едно 4-члено семејство.

„Министерке, пред една недела имавте за мене нелогична изјава, кога рековте дека за вас не може да биде логично да се купува грашок од конзерва и дека едно 4 члено семејство треба во еден месец да конзумира 13 литри млеко. Следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство, многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Подеднакво важно е за една мајка дали ќе може цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко. Зашто, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте за едно 4 члено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или со некое друго. Моето прашање е следно: Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа”, праша Петровска.

„Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4 члено семејство. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене”, одговори министерката.

„Мислев, министерке, дека извлековте поуки од вашите претходни испади на Комисијата за финансирање и буџет, кога ве повлекоа од партијата со наредба да не доаѓате во Собрание, по што го праќаа вашиот заменик. Нема да одговарам на вашите неумесни коментари. Ако имаше дно, вие го пробивте“, рече Петровска.

На почеток