(Фото) Обвинителството не можело да го најде Хајрулахи, а тој истовремено им поднесува кривична пријава


Истрагата против суспендираниот шеф на вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи се ближи кон крајот, се пофали Основното обвинителство во Штип. За кривичната пријава која е поднесена против обвинителката која ја води истрагата, велат дека е притисок. Содржината не ја коментираат, со тврдење дека пријавата не е примена.
„До овој момент таква пријава не е примена. Доколку биде, истата ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител. Основното јавно обвинителство Штип ја известува јавноста дека во постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза. Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“, велат од Основното јавно обвинителство Штип.
Како ретко кога, штипското основно обвинителство ја сподели и поканата која што Хајрулахи не ја примил.
„Поради интересот на јавноста, Основното јавно обвинителство Штип ја објавува потврдата од неуспешната достава на покана за распит за г-динот Хајрулахи. Заради заштита на личните податоци адресата е прикриена и е истата официјална адреса на конкретното лице“, додадоа од Обвинитлството.
Ова е ретка пракса, Обвинителство да испраќа материјали за да се докажува околу достава до обвинет. Најчесто, кога се бараат информации, обвинителствата не ги даваат во целост под изговор дека кога предметите се во истрага, таа е тајна.
