Македонија

Случајот се контаминира, Туфегџиќ алармира: Ако се работеше за дете на функционер, а не дете на Раде и Кети, пристапот ќе беше друг

Адвокатот Владимир Туфегџиќ ја оправдува реакцијата на семејството Лешко, чиј син, Љупчо, почина по струен удар во приватен објект во Радишани, каде пуштал музика. Туфегџиќ посочува дека во случајот има невоедначени стандарди во постапување, па така, веднаш бил донесен заклучок дека е несреќен случај без да има наредба објектот да биде запечатен, а доказите да не бидат контаминирани.

„Во случајот не е превземено ниту едно дејствие при увидот на лице место за да се утврди дали објектот има соодветна електрична инсталација и безбедносен систем за спречување на последици од струен удар кои се задолжителни во секој објект. Објектот е ставен во функција за вршење дејност, изнајмувани се дворно место, помошна просторија и базен за настани на кои се собираат поголем број на луѓе, менаџерот имал ценовник и тоа 200 евра за 6 часа и сето тоа е правено без потребните одобренија и дозволи. На лице место е вршено влијание врз сведоци да не се кажува дека го изнајмиле објектот а што е тоа ако не е попречување на правдата со влијание врз сведоци“, вели Туфегиќ.

Тезата дека детето излегло од базен и настрадал од струен удар поради тоа што имало вода е неприфатлива, таман работа сите што излегуваме од базен да доживееме струен удар, додава адвокатот и посочува: „проблемот е во немање заземјување согласно релевантни стандарди и затоа имало движење на струјата по земја и вода и во таа насока обезбедив стручно мислење од еминентен стручњак од областа“.

„Да потсетам, на струшкото пливалиште од струен удар настрадаа три лица на диво изградена платформа и несоодветна електрична инсталација и имаше судски епилог со осудителна пресуда. Одговорно тврдам доколку се работеше за дете на државен функционер или влијателен човек а не како во случајот дете на Раде и Кети, стандардите ќе беа поинакви и токму невоедначениот пристап и немањето унифицирани стандарди за воедначено постапување без оглед за кого и чие дете се работи се причина за ниската доверба во правосудството . Ние не бараме разговори со обвинителот туку законито постапување и јавнообвинителска одлука, конечно контролата ја спроведува вишото и републичкото јавно обвинителство“, додава адвокатот Туфегџиќ.

Од смртта на Љупчо, изминаа седум месеци. Обвинителството нема донесено јавно-обвинителска одлука, ниту пак откриваат дали има осомничени лица. Познато е дека постојано се прават вештачења, но не и што тие откриваат. Обвинитечката Тања Трајчевска во одговор за „Скопје1“ само посочи дека и натаму се прибираат докази.

На почеток