Судски совет не ја открива тактиката за утрешната расправа за интерпелациите


Утре во Законодавниот дом почнува расправа за интерпелациите на петмина членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.
Петтемина членови на Судски совет не ги откриваат своите планови и тактики за утрешната дебата.
На денешната седница во Судски совет рекоа дека не донеле конечна одлука дали ќе влезат во собраниската сала. Но, како што дознаваме неофицијално дел од нив не се расположени од салата да ги слушаат пратениците.
Денеска никој не даде изјави за медиумите.
И случајно или не, само еден час пред собраниската седница, има закажано седница на Судскиот совет. Претседателот Камбовски вели дека ја закажал пред да дознае за тајмингот на собраниската седница, но ова нема да биде пречка ако членовите одлучат да се појават пред пратениците.
Власта поднесе интерпелации за Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа.
