Одлуката за куќен притвор за синот на пратеникот Исмаил Јахоски ја донесе корумпираното судство на СДС и ДУИ, вели ВМРО-ДПМНЕ


„СДС во паника и соочен со сопствените скандали, очајнички се обидува да ја префрли вината, но реалноста е повеќе од јасна: одлуката за куќен притвор за синот на пратеникот Исмаил Јахоски ја донесе корумпираното судство на СДС и ДУИ“, вели ВМРО-ДПМНЕ и додава:
СДСМ должи одговор: како тоа „независното“ судство под нивна контрола му додели привилегиран третман на главниот бизнис партнер на Зоран Заев и пратеник на Али Ахмети?
СДСМ е последниот што има право да зборува за правда.
Истото судство што пушташе криминалци низ судските ходници, што го амнестираше Рашковски, што го ослободуваше Филипче, сега повторно го прави истото.
Факт е дека оваа одлука на корумпираниот судски систем е во нивен интерес, затоа што го заштитува нивниот криминален круг.
Судството кое го бетонираа со своите кадри, сега продолжува да работи по нивен терк.
А сега ќе ви кажеме кој се јавил – нека биде тоа наградна игра за вас.
а) се јавил или шефот на Обвинителството за организиран криминал, сосед и другар од детство на Али Ахмети, по договорот што паднал на средбата меѓу Ахмети и Пуцко сениор во канцелариите на Партизански одреди пред четири недели, кога разговарале и на тема „што ако има нови апсења на блиски луѓе на ДУИ“ – средба за кое цело Скопје денес зборува
б) се јавил Венко Филипче по налог на Али Ахмети за да го спаси синот на финансиерот на ДУИ, Пуцко, затоа што СДС сè уште е заложник на ДУИ, особено откако фанатично со денови го брани Судскиот совет, кој завчера криумчарски и шверцерски избра вршител на должноста претседател на Врховниот суд од ДУИ
в) се јавил истиот што се јавува стално, а поврзан е и со точка а и со точка б, поврзан со СДС, кој е измеќар на политичките и бизнис-структурите во државата што ја гушат правдата и ја уништуваат државата
И на крај, пораката е јасна и недвосмислена: ќе ви дојде крајот на сите криминалци.
Може да ги кочите процесите, може да ги опструирате, може да се обидувате од петни жили да ја запрете правдата, но нашата волја е челична. Ќе воведеме ред и сите што се огрешиле ќе одговараат.
Ваквите мизерни соопштенија само ве откриваат – и вас, и вашите намери, и вашето измеќарство кон ДУИ. А не се сомневаме дека ќе ги откриеме и вистинските причини зошто толку фанатично го штитите ДУИ.
Во случај кога за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, МВР апси поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Капушевски, кој добива притвор, но за поддржувачот на ДУИ не смее да има притвор – тоа е вашиот „правен систем“.
Затоа сте избезумени сега, затоа што гледате дека нема кај нас милост кога правдата е во прашање и тоа ве плаши.
