(Видео) Над 30 жртви, десетици повредени – при бегањето имало стампедо, починале од гушење, дел биле заглавени


Над 30 жртви, претежно млади лица, има од пожарот во дискотеката „Пулс“ Кочани. Ова се неофицијалните информации кои се добиваат од вклучени во истрагата од институциите, по страшната трагедија. Точниот број и натаму се утврдува. Има и многу повредени лица кои се однесени низ болниците во државата.
Ваква трагедија, Македонија не памети. Според првичните информации, пожарот избувнал околу три часот изутрина. По првиот чад, гостите тргнале кон излезот, каде се створило стампедо и хаос.
Огнот брзо се ширел. Дел од гостите биле жртви на огнот, а дел се угушиле од чадот. Противпожарните бригади и Брзата помош реагираше брзо. Внатре, според неофицијални бројки, имало стотици гости.
Досега се огласија само од Обвинителството.
„Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, велат оттаму.
На терен е и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со директорот на БЈБ, Александар Јанев и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Детални и официјални инфорамции очекуваме од институциите.
