Македонија

Милионската „Соравиа” чиј газда беше внукот на Ахмети оди на продажба: почетна цена 22 милиони евра

Неизвесна иднина има бизнис објектот „Соравиа“ кој е во строгиот центар на Скопје. Објектот е ставен под извршителска продажба поради финансиски обврски кои не биле исполнети.

Дрин Ахмети, внукот на досега недопирливиот Али Ахмети, оперираше со овој имот. Тој пред една година, односно во март лани, објави дека „Тор индустрис“, компанијата што го купи трговскиот центар „Соравија“, ќе се повлече од раководната функција во компанијата до крајот на годинава.

„Соравиа Инвест“, во моментов е ставена на продажба од страна на извршител, по барање на доверител за спроведување на извршување од над 930 илјади евра.

Во заклучокот, кој е јавно објавен на веб страницата на комората на извршители, стои дека почетната цена за објектот е 1.377.978.526 денари или околу 22.406.000 евра. Извршителот наведува дека објектот се продава поради долг од околу 930.000 евра кон бугарската Прва инвестициска банка.

Огласот е објавен на 24 март, а лицитацијата ќе се одржи на 24 април во канцеларијата на извршителот Андреја Буневски. Но, ова не е единствен долг на „Соравиа инвест“ кон истата банка која во 2020-тата издаде кредит на компанијата, а има и други пристигнати побарувања кон доверители.

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција сè уште спроведува предистрага за тоа како без вложен денар, Ахмети стана сопственик на 39 отсто од акциите на трговскиот центар.

На почеток