Свет

Нови детали за хеликоптерската несреќа во Њујорк, се бара забрана за туристички летови

Си-Ен-Ен ги објави новите околности околу падот на туристичкиот хеликоптер кој во четвртокот се урна во реката Хадсон во близина на Менхетен, при што загинаа шест лица, три деца, нивните родители и пилотот.

Станува збор за шпанско семејство вработено во Сименс кое било на одмор во Њујорк, а летот бил дел од роденденско изненадување.

Хеликоптерот полета од центарот на Менхетен, ја обиколи Статуата на слободата и се упати по реката Хадсон. Само 16 минути по полетувањето, се урнал во близина на брегот на Њу Џерси.

Сведоците опишаа како авионот наеднаш изгубил контрола, се свртел и паднал во водата наопаку. Според снимката, видливо е и како роторот се одвоил од телото на хеликоптерот неколку секунди пред падот.

Починаа Агустин Ескобар (49), директор во Siemens Mobility, неговата сопруга Мерсе Кампруби Монтал, менаџер во Siemens Energy и нивните три деца – момчиња на возраст од 4 и 11 години и ќерка која требаше да наполни девет години следниот ден. Пилотот, 36-годишниот Синекес Џонсон, бил поранешен припадник на специјалните сили на САД и искусен авијатичар.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, положи цвеќе на местото на несреќата и рече дека градот е во жалост: „Нивната болка е наша“.

Националниот одбор за безбедност на транспортот (NTSB) потврди дека хеликоптерот немал рекордери за летот или видео опрема, што ја комплицира истрагата. Авионот Bell 206L-4 е произведен во 2004 година, а во последните две години FAA издаде неколку предупредувања за можни технички проблеми поврзани со роторот и погонот, но не е јасно дали тие се поврзани со оваа несреќа.

Компанијата која управуваше со хеликоптерот веќе имаше две несреќи во минатото – во 2010 година во Чиле и во 2013 година во Њујорк, кога хеликоптерот принудно слета на река.

Поради оваа трагедија, повторно се отворени прашањата за безбедноста на туристичките летови над Њујорк. Некои политичари бараат забрана за тие летови, како и привремена итна забрана за летови од хелиодромите во градот додека трае истрагата, додека претставниците на индустријата повикуваат на претпазливост и отфрлање на сеопфатните забрани.

Истрагата е во тек, а НТСБ бара дополнителна снимка и сведочење на граѓаните. Од реката се уште се извлекуваат делови од хеликоптерот, а причината за несреќата се уште не е позната.

На почеток