(Видео) Се запали мотор на авион пред полетување во САД, речиси 300 луѓе биле евакуирани


Патниците морале да го напуштат авионот на Делта откако моторот се запалил додека авионот стоел на пистата на меѓународниот аеродром Орландо на Флорида, пишува Би-Би-Си. Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат чад и пламен што излегуваат од десниот мотор, а патниците излегуваат од авионот спуштајќи се на надуените тобогани за евакуација.
Летот на Делта 1213 требаше да отпатува од Орландо, познат по Дизни Ворлд, до Атланта, со речиси 300 луѓе во авионот. Нема извештаи за повредени.
„Патниците се евакуирани. Спасувачката и противпожарната екипа брзо реагираше“, објави аеродромот на социјалните мрежи.
Во изјава за американскиот CBS News, Делта наведува дека се работи за авион Ербас А330 во кој имало 282 патници, 10 членови на кабинскиот екипаж и двајца пилоти. Компанијата соопшти дека членовите на екипажот ја евакуирале кабината откако пламенот бил забележан на еден од двата главни мотори.
На видеото кое се чини дека е снимено од аеродромот се гледаат патници како стојат на асфалтот додека возилата за итни случаи се паркирани до авионот.
„Им благодариме на патниците за соработката и се извинуваме за ова искуство“, изјавија од Делта. .
Федералната управа за авијација (FAA) најави дека ќе спроведе истрага за инцидентот. Ова е само еден од серијата сериозни авионски инциденти што се забележани во Северна Америка оваа година.
На 29 јануари, 67 лица загинаа откако патнички авион и воен хеликоптер се судрија во воздух во близина на аеродромот Роналд Реган во Вашингтон. По падот, истражителите препорачаа да се ограничат летовите со хеликоптери во одредени области околу аеродромот.
На 17 февруари сите 80 патници преживеаја несреќа кога авион на Делта се урна и се преврте при слетување во Торонто. Авион кој летал од Минеаполис се излизгал на пистата, пламенот бил видлив, а авионот застанал на покривот, поради што пожарникарите се упатиле кон него.
