Трамп: Значително ќе ги намалиме царините за Кина, но тие нема да одат на нула


Американскиот претседател Доналд Трамп вчера сигнализираше можност за олеснување на трговската војна со Кина, велејќи дека високите царини за кинеските стоки „значително ќе се намалат, но нема да бидат нула“.
На прес-конференцијата во Белата куќа, Трамп го омекна својот претходен остар тон по неколкунеделните одмазднички мерки кои донесоа царини за кинески стоки до 145%.
„145% е многу високо и нема да остане на тоа ниво. Нема да биде блиску до тоа. Значително ќе се намали. Но, нема да биде нула“, рече Трамп како одговор на прашањата на новинарите во Овалната соба.
Бесент на конференција за приватни инвестиции организирана од JP Morgan Chase рече дека верува оти трговскиот конфликт со Кина е неодржлив и дека очекува конфликтот наскоро да се деескалира, потврди за CNN извор запознаен со неговите изјави.
Наместо целосно распаѓање, Бесент им рече на инвеститорите дека целта е да се балансираат трговските односи – оценка што дополнително го поттикна оптимизмот на берзите. Откако неговите изјави излегоа во јавноста, сите три главни американски берзански индекси го достигнаа своето највисоко ниво во денот.
Оптимистичкиот тон од Вашингтон се прелеа и на азиските пазари: Хонг Конг Ханг Сенг порасна за 2,5%, јапонскиот Никеи 225 за 2%, а корејскиот Коспи за 1,5%.
САД и Кина, двете најголеми светски економии, досега воведоа рекордни царини една на друга, што ги потресе глобалните берзи, ги наруши синџирите на снабдување и ги зголеми стравувањата од рецесија.
Кина досега одржуваше цврст став и продолжи со контрамерки: ги зголеми тарифите за американските стоки на 125%, додаде повеќе американски компании на листата на несигурни субјекти, а исто така го ограничи извозот на критичните минерали што се користат во производството на iPhone и воени системи.
Покрај тоа, Кина го ограничи прикажувањето на холивудските филмови во своите кина и врати најмалку два Боинга кои беа наменети за кинеските авиокомпании.
