(Видео) Имате право да не ми верувате, но и мене душава ми плаче и јас сум гневен и бесен, Тошковски седна со семејствата на загинатите


Семејствата и пријателите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со пашачење од Собранието до МВР, отидоа на средба со министерот Панче Тошковски, на која беше и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Тие побараа тој да излезе надвор, а по кусо време, тој тоа го направи. Потоа ги покани во седиштето на МВР, каде разговараа и им кажа за истрагата, но и дека има разбирање за нивната тага и гнев.
„Толку голем пат минавме, од почит кон нас, нека дојде тука. Без душа сме, без сила, без деца останавме. Нека излезе овде“, рече една од мајките, а таткото на трагично загинатиот Андреј рече: „Немаа ли услови, едно литро нафта да дојдат пред Владата? Изгубени деца, изгубени ние, да доаѓа“.
Надвор, излезе министерот Панче Тошковски. Тој им кажа на родителите дека се сочувствува со нивната болка.
„Болката не се опишува со збор“, рече Тошковски, а таткото кој го изгуби синот единец, рече „Не знаете како е да го изгубите дете. Сум спечалил една куќа и кола да му дадам“.
Потоа, беше побарана и морална одговорност од него.
„Нели може да понесете барем морална одговорност?“, го праша кочанчанец кој изгуби посинок.
Потоа се надворза и мајка со прашање: „Дали се безбедни нашите деца?“, а министерот рече: „Не сум човек како што побараа некои луѓе.. ве замолувам да седнеме да разговараме, да ја тргнеме политиката, да разговараме за сите работи кои ве интересираат, цел ден ако треба, цела недела, цела година. Ве замолувам“.
Потоа, посочи дека по трагедијата, навистина сакал да даде оставка од морални причини и објасни зошто тоа не го сторил. Според минситерот, предомислувањето дошло по погребот на полицаецот кој исто така загина во трагедијата додека бил на должност критичната вечер.
Им вети дека за два месеци ќе може да зборува и ќе им каже сѐ, а сега би ја загрозил истрагата. Посочи дека и тој е револтиран, дека и него му плаче душата, исто како што плачеле и неговите две деца по трагедијата.
„Ве разбирам дека имате гнев и немате доверба. И јас немам доверба, и јас сум немал доверба. И јас сум гневен и јас сум бесен и мојава душа плаче, и моите деца плачат“, рече Тошковски.
Потоа една од мајките кажа уште не добиле обдукциски извештаи.
„Истрагата нема никого да поштеди, никого, а за кого има докази. Да ми верувате на зборот“, рече Тошковски, а кога некои од лицата рекоа дека не веруваат, тој рече „Имате право и на тоа“.
Министерот Панче Тошковски им укажа на родителите на загинатите деца за истрагата, па настанаа тензии.
„Актуелен министер е осомничен, актуелен командир на полициска станица е осомничен, актуелен директор на ДЗС е осомничен, актуелен градоначалник е осомничен, и претходните градоначалници. Јас се извинувам што морам да бидам на ниво на позицијата која ја имам, и не можам да споделам се што знам и да ја нарушам истрагата. Не можам сега, ама ќе можам. Правда од овој случај мора да имаме. Ако сакаме да имаме нормална држава, мора да има правда“, додаде Тошковски.
