Македонија

Семејството на загинатата Фросина дојде на судењето да бара правда, родителите на Васил чекаат кат подолу во судот

Денеска започнува судењето за смртоносното прегазување на пешачки премин, на Фросина Кулакова. Во судот дојде семејството на загинатата, како и пријатели со маички „Правда за Фросина”. Тие чекаат пред судницата, додека мајката и таткото на обвинетиот возач Васил Јованов, се кат подолу.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

На почеток