Македонија

Исти сообраќајки се казнувале со помали казни, вели Дуковски кој најави жалба за 12 годишната казна затвор за Јованов

Адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов, рече дека ќе се жалат до Апелација на 12-годишната затворска казна. Според него, сите вакви случаи се казнувале со помали казни, па и тој бара истата да се намали.

„Бидејќи признавме вина, очекувана беше осудителна пресуда. Ваква пресуда не е во согласност со воспоставената пракса. Иста ваква сообраќајка, во 2019 година, на истото место, завршена е со правосилно со 3,5 години затвор. Сетете се на пресудата во Велес, само со еден прекршок повеќе – правосилно заврши со осум години. Само за тоа преговарам. Не може од овој настан да се спроведува нова казнена политика. Сметам дека не е ценето во доволна мера признанието на вина“, рече Дуковски.

Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.

„Обвинетиот Васил Јованов е виновен. Судот обвинетиот го осудува на казна затвор во траење од 12 години. Му се изрекува и забрана за управување со моторно возило“, рече судијката Снежана Марковска.

Таткото на Фросина Кулакова, Тодор, револтиран од висината на казната, ја напушти судницата.

„Судот е мафија!“, рече тој и излезе од салата.

Васил Јованов осуден на 12 години затвор за смртоносното прегазување на Фросина Кулакова

На почеток