„Скопски пазар“ и „кебапите“ ја следат судијката Гајдова на патот кон Стразбур


Случајот „Скопски пазар“ каде се пресудило во корист на сопругот на Весна Дамева, казната за „ќебапите“, но и партиската обоеност на сопругот се најспоменувани изминатиов период, кога во прашање е судијката Габриела Гајдова. Таа е предлог за да биде судија во Стразбур, кој ќе се најде на владина седница. Истовремено, највисокиот суд за човекови права, прво што бара е висок морален интегритет. Судијката смета дека истиот го поседува и дека е отпорна на влијанија, но обвинувања за нејзината работа трпи и додека се чека конечната одлука по нејзината апликација. За Стразбур пак, доволно е да постои легитимен сомнеж, за да утврди повреда на правата заштитени со Конвецијата.
Се чини дека најголемата „дамка“, со која во јавноста и се оспорува интегритетот, е токму предметот „Скопски пазар“. Гајдова во него, постапувала како судија известител во скопска Апелација. А за да биде избрана во овој второстепен суд, била гласана од Весна Дамева, чиј сопруг е оштетена страна во тој предмет. Интересен факт е дека предметот чиј известител е Гајдова, е одлучен токму во корист на Дамев, но потоа, Врховен суд ја укинува одлуката со неколку забелешки – меѓу кои и погрешно применета судска пракса. „Скопје1“ праша дали со ваква одлука, а како известител во предметот, Гајдова ѝ се оддолжила на Дамева, на што таа рече дека нема никаков долг, а и без нејзиниот глас би била избрана за судија во Апелација. Ако се видат новинарските известувања, сепак, може да се заклучи дека Дамева не штедела комплименти при изборот и рекла: „Таа не само што учествува на конференции и тркалезни маси, туку е храбра и да го креира казненото право”. Сепак, судијката за „Скопје1“ вели дека било побарано нејзино изземање, но барањето било отфрлено.
„Во предметот се бараше мое изземање и не беше уважено од страна на претседателот на судот“, вели Гајдова.
За истиот предмет, Врховниот суд забележува дека во моментот кога Гајдова со колегите во Апелација, одлучуваат да пресудат во корист на оштетениот сопруг на Дамева, во образложението пишуваат дека обвинетите делото го вршеле во континуитет 10 години, иако осум години обвинетиот не презел никакво дејствие. За да си ја поткрепат одлуката, се повикале на пресуда од Врховен суд, кој пак им ја укина со образложение: „Пресудата на која се повикува Апелација може да се примени само ако постои континуитет“. Сепак, судијката Гајдова вели дека пресудата е согласно праксата.
„По однос на ставовите на советот кој постапуваше по предметот, сите аргументи за донесената одлука се содржани со судската пракса на Врховниот суд, што исто така може да се уверите со увид во списите“, вели Гајдова и негира влијание поради Весна Дамева која е дел од Судскиот совет.
Судијката Гајдова, ја има донесено и затворската пресудата за украдените ќебапи и алкохол, често споменувана кога се критикува правосудството. Сепак, судијката стои зад тоа што го досудила и вели дека е според законите, кои не ги носат судиите, туку ги почитуваат. Појаснува дека во минатото постоел Правилник на одмерување казни, кој имал категоризации колку треба да се досуди. Таа, посочува дека судела според него, а подоцна бил укинат.
„Интегритетот на еден судија е да биде независен од секакви влијанија, притисоци и да суди врз основа на закон и подзаконски акти. Пресудата за ќебапите е донесена врз основа на Кривичниот законик, Законот за кривична постапка и Правилникот за одмерување на казни кој важеше во тоа време и секако дека стојам зад секоја моја одлука“, рече Гајдова за „Скопје1“.
Уште една поврзаност меѓу судијката Гајдова и Дамева која е дел од Судскиот совет, што остава простор да се помисли дека имало пристрасност при одлучување во предметот „Скопски пазар“ е политиката. Според новинарските написи, Кирил Гајдов, сопруг на Гајдова бил советник во Велес и координатор на советниците на СДСМ. Дамева пак, била член на правната комисија на истата партија.
„Мојот сопруг беше член на НСДП. Никогаш не бил член на СДСМ. Така што познанство немале. И не само член на НСДП, туку беше и претседател на општинската организација на НСДП во Велес, сѐ додека не се повлече од Советот на Општина Велес и од политика, воопшто“, рече Гајдова за оваа поврзаност, па на укажувањето дека медиумите го пишувале како советник од СДСМ додаде: „Не знам како стои, јас Ви кажувам отворено и тоа лесно може да се провери. Можеби дека биле во коалиција како ВМРО и ЗНАМ сега. Побарајте увид во евиденцијата на членови на двете партии, СДСМ и НСДП и ќе видите“.
Инаку, во Стразбур постои така наречен објективен и субјективен тест за непристрасност. Објективниот тест предвидува, „трибуналот“ да биде составен од независни и непристрасни судии, но се осврнува и на перцепцијата на разумен набљудувач, кој треба да има перцепција дека „трибуналот“ е независен. Пред девет години, Стразбур ја врати листата и не избра ниту еден од предложените кандидати за судии – што претставува и срам за државата. Ова не е единствен ваков случај. Во 2018 година, поради роднински односи со премиерот Еди Рама, Стразбур не прифати да го избере Даиран Павли за судија. Во 2021 година, таков случај имаше Украина, чии кандидати беа одбиени поради сомнителен морален интегритет.
Гајдова, пред да биде избрана за судијка во Апелација, судеше во Велес. Таму има низа пресуди кои беа поздравени од јавноста како исправни. Таа досуди 18 години затвор за Ангелче Николов кој усмрти девојче на пешачки, ја повреди мајката и избега. Истовремено, досуди и ослободителна пресуда за Павлинка Иловска која го уби партнерот по низа години малтретирања, а истото го направила во самоодбрана.
Во телефонски разговор, Гајдова вели дека за нејзе е големо признание и фактот што е дел од трите имиња предложени за судии во Стразбур од Комисијата до Владата. Освен таа, предложени се и обвинителката Ленче Ристоска, како и адвокатот Јордан Апостолски.
Претходно:
