Тошковски враќа удар: „Тендерот е чист, нема милионски исплати – нападите се политичка конструкција“


Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одговори на обинувањата од СДСМ дека доделил милионски тендер на мала фирма. Тој посочува дека сѐ е според законот, а милионите кои ги посочуваат не се пари кои ќе се потрошат, туку максимална рамка до која може да се набавува, во наредните три години.
„Во однос на обвинувањата поврзани со тендерот за набавка на униформи за специјалните единици, важно е граѓаните да ги знаат фактите, јасно, прецизно и без политички манипулации. Најпрво, важно е да се истакне дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума одеднаш, туку склучена е рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години. Разликата е клучна, самата рамковна спогодба не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите. Исто така, една од главните „замерки“ е зошто не се барало долгогодишно искуство или поголем број вработени. Нашата логика е јасна и е исклучиво во интерес на државата, а тоа е поттикнување на конкуренцијата и фер пристап. Премногу строги критериуми често ги елиминираат малите и средни претпријатија, кои во Македонија се најконкурентни и често можат да понудат најдобри цени. Наша цел е да добиеме најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа го постигнуваме со овозможување на поширок круг на понудувачи. Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби. Наместо само на историјат на понудувачите, ние се фокусиравме на она што е најважно, реалниот квалитет на производот. Затоа, клучните услови беа задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории“, вели Тошковски.
Покрај квалитетот, клучен фактор е и цената.
„Анализата покажа дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4% за дел 1 и 27,9% за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени. За да се обезбеди дополнителна сигурност, за секоја поединечна нарачка се бара банкарска гаранција од 5% од износот на таа конкретна нарачка. Ова е дополнителен механизам за заштита на буџетските средства и осигурување на квалитетот и навремената испорака. Целата постапка беше максимално транспарентна, со продолжување на рокот за поднесување понуди, од 32 на 55 дена, за да се обезбеди фер шанса за сите. Дополнително, постапката беше предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не беа најдени никакви неправилности. Јасно е дека нападите кои се шират овие денови не се резултат на вистинска загриженост за законитоста, туку обид за политичка конструкција и дефокус од вистинските реформи. Наместо идеи и решенија, повторно гледаме координирани напади, дезинформации и обвинувања без основа, сè со цел да се фрли сенка врз процеси кои за првпат се водат со целосна транспарентност и отчетност. Кога СДСМ и Левица, партии со спротивставени реторики и интереси, ќе се најдат на иста страна, тоа не е коинциденција, туку потврда дека сме на прав пат“, додаде тој.
