Трамп потпиша уредба за забрана на влез во САД за државјани од 12 земји


Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша нова извршна уредба со која се забранува влез во САД за државјани на 12 земји, пренесе CBS News, повикувајќи се на извори од неговата администрација.
На списокот се најдоа седум африкански држави – Чад, Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Либија, Сомалија и Судан – како и четири земји од Азија: Авганистан, Мјанмар, Иран и Јемен. Забраната важи и за Хаити, како единствена земја од Северна Америка.
Покрај овие, делумни ограничувања за влез ќе бидат воведени и за државјани од уште седум земји: Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
„Претседателот Трамп го исполнува своето ветување да ги заштити Американците од опасни странски актери кои имаат намера да ѝ наштетат на нашата земја“, напиша портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, на мрежата X (поранешен Твитер).
Од Белата куќа соопштија дека мерките се насочени кон држави кои претставуваат „висок безбедносен ризик за САД“.
Ова не е прв ваков потег од страна на Трамп. Во неговиот прв мандат тој воведе забрана за влез на патници од неколку земји со мнозинско муслиманско население, што предизвика остри реакции во јавноста. Таа забрана беше укината во 2021 година од тогашниот претседател Џо Бајден, кој ја нарече „дамка на совеста на американската нација“.
