Свет

Ова се можните сценарија за бомбардирање: „ЦИА во сенка“ има проценка, еве кога Иран ќе нападне американски цели

Израел бара од Иран да капитулира и да престане да развива нуклеарно оружје. Техеран категорично го отфрли ова барање и на израелските напади одговори со воени напади. Конфликтот ескалираше, но развојот на настаните сè уште е тешко прецизно да се предвиди. Различни сценарија за исходот се на маса.

Најповолниот исход би бил брз прекин на огнот со посредство на медијатори и притисок од меѓународната заедница. Сличен модел е забележан и во претходните конфликти меѓу Израел и Хезболах, кои, и покрај својот голем арсенал и десетици илјади борци, не успеаја да извршат ефикасен контранапад и на крајот се согласија да ја демонтираат својата воена инфраструктура и да се повлечат подалеку од границата.

Можно е Иран да успее да нанесе неколку значајни удари на Израел, барем доволно разорни за домашната јавност да ги перцепира како пропорционална одмазда, по што Техеран може да се согласи на прекин на огнот.

Проблемот е што не знаеме точно што сака да постигне Израел и колку повеќе цели има намера да таргетира. Во најновите напади во неделата наутро, израелските сили го уништија главниот објект за складирање гас во Техеран и централната рафинерија за нафта, сигнализирајќи нова фаза од војната. Изгледа дека Израел го префрла својот фокус од нуклеарните и воените цели кон енергетската инфраструктура, темелот на извозот и државниот буџет на Иран.

Влијателната американска агенција за стратешка проценка Стратфор, која некои ја нарекуваат „ЦИА во сенка“, правилно предвиде во петокот дека Израел ќе ги прошири своите операции надвор од едноставното намалување на нуклеарните и воените капацитети на Иран, за сè повеќе да ги таргетира невоените политички лидери, цивилната инфраструктура и други цели дизајнирани да нанесат не само воена, туку и економска и политичка штета.

Израел веројатно ќе продолжи да ги таргетира иранските нуклеарни постројки и да се обидува да ги елиминира клучните научници во нуклеарната програма. Исто така, веројатно е зголемување на бројот на атентати врз политичкото раководство. И покрај силната одбрана, вклучително и поддршката од САД и Франција, иранските ракети повремено продолжуваат да го пробиваат одбранбениот штит и да погодуваат израелски цели.

Сепак, Стратфор верува дека конфликт на регионално ниво е помалку веројатен. Иран, барем на почетокот, ќе избегнува напад врз американската воена инфраструктура за да не предизвика директно вклучување на САД. Истото важи и за земјите од Советот за соработка во Заливот, кои Иран ги гледа како потенцијални политички и економски канали за одржување на минимална меѓународна соработка, особено по завршувањето на конфликтот. Но, како што конфликтот се продлабочува, се повеќе е веројатно дека дури и ненамерна ескалација би можела да ги вовлече САД и арапските држави во војна.

Иако е малку веројатно дека одбранбената поддршка на САД за Израел ќе го испровоцира Иран да ги таргетира американските воени објекти во регионот, доколку американската војска започне директна офанзива против Иран, Техеран потоа би можел да ги мобилизира сојузниците и проиранските милиции да нападнат американски цели во Ирак, Сирија или Јемен. Иако ова е малку веројатно во овој момент, исто така е можно земјите од Заливот да дозволат нивните бази или воздушен простор да се користат за напади врз Иран. Нивната енергетска инфраструктура тогаш би станала легитимна цел за Иран и неговите сојузници. На пример, Јордан веќе пресретна неколку ракети и беспилотни летала над својата територија, слично како минатата година кога иранските ракети го таргетираа Израел. Сепак, можно е во случај на американско вклучување во конфликтот, САД да ги користат нивните бази, што потоа повеќе нема да можат да го прикажат како самоодбрана.

Во тој случај, конфликтот би добил регионални размери. Иран, исто така, веројатно би прибегнал кон асиметрични методи, напади преку сојузници и, потенцијално, терористички мрежи за да го зголеми притисокот врз Израел и неговите западни сојузници.

На почеток