Прв американски удар врз иранска нуклеарна инфраструктура – Се заканува поширок конфликт


Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД извеле воздушни напади врз три ирански нуклеарни постројки: Фордоу, Натанс и Исфахан. Во објава на социјалните мрежи, тој потврди дека мисијата била „многу успешна“ и дека сите авиони веќе го напуштиле иранскиот воздушен простор.
„Голема количина бомби беше фрлена врз главната постројка – Фордоу“, напиша Трамп.
Во обраќање од Белата куќа, Трамп му се заблагодари на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нагласувајќи дека дејствувале „како тим, можеби подобро од кој било тим досега“. Тој го повика Иран на примирје, предупредувајќи на нови напади ако не следува дипломатско решение.
Израелскиот премиер ја потврди соработката и рече:
„Прво доаѓа силата, потоа мирот.“
Израелскиот јавен сервис КАН јави дека нападите се изведени во „целосна координација со Вашингтон“. Засега нема официјален одговор од иранските власти, а светската јавност е во исчекување на нивниот следен чекор.
Оваа интервенција доаѓа само два дена откако Трамп изјави дека „во рок од две недели“ ќе реши дали ќе се приклучи на Израел во напади со цел уништување на иранските нуклеарни капацитети. Според извештаите, во мисијата учествувале и американски бомбардери B-2 со способност за пробивање на подземни објекти.
