Македонија

ИЈЗ со препораки за претстојниот пеколно топол бран

Оваа недела не очекува пеколно топло време, сончево и топло време со температури до 39 степени.

Со препораки за заштита излезе Институтот за јавно здравје за почитување на мерките за заштита на здравјето на популацијата , а посебно на ранливите групи на население во услови на високи температури.

ИЈЗ предлага разгледување на можноста за потенцијално работење онлајн, флексибилно работно време, двократно работење или надополнување на изгубеното работно време. ИЈЗ препорачува избегнување на работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот, почести паузи и постојано конзумирање на течности и електролити.

За вработените, ИЈЗ препорачува урамнотежена исхрана, внесување минимум два литра вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, и внесување електролити при засилено потење.

За целата популација ИЈЗ препорачува редовен одмор, доволно спиење, туширање, носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено. Клучно е и препознавањето на симптомите на топлотен удар како што се вртоглавица, замор, вознемиреност, повраќање.

При симптоми на топлотен удар веднаш да се повика 194 или 112. Лицето треба да се префрли во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода како и да не се дава терапија додека не пристигне лекарска помош. Ако лицето е во бессознание, да се постави во странична положба.

На почеток