Магазин

Лажно видео со Игор Џамбазов предизвика бурни реакции: „Срам да ви е! Ни ова не знаете да го направите како што треба“

На социјалните мрежи деновиве се шири лажно видео, изработено со вештачка интелигенција, во кое „главен лик“ е познатиот актер и шоумен Игор Џамбазов. Видеото е стилизирано како телевизиски прилог со сензационалистички наслов: „Игор Џамбазов ги нападна претставниците на фармацевтската индустрија со зборовите: Убијци во бели мантили“.

Монтажата дополнително содржи фотографии на кои Џамбазов е прикажан во лисици, спроведен од полиција, како и исечоци од едно негово претходно интервју кои се злоупотребени и извадени од контекст. Во видеото се тврди дека тој физички нападнал група фармацевти бидејќи му бил забранет „лекот на доктор Илир Демири“, за кој наводно тврдел дека го спасил од инвалидска количка.

Следува и „лажно сведоштво“, во кое компјутерски генериран глас, што наликува на гласот на Џамбазов, раскажува за наводна борба со артритис и хронична болка, тврдејќи дека стотици илјади денари биле потрошени на безуспешни терапии.

Оваа дезинформација брзо се прошири на интернет и ги вознемири и јавноста и самиот Џамбазов, кој остро реагираше на својот Instagram профил: „Е не сте нормални… вие што го смисливте ова. Колку што јас бев во инвалидска количка, толку вие да бидете среќни и успешни луѓе! Имате ли ум вие воопшто? Оти мозок немате, евидентно. И да, заборавив. Срам да ви е! И арам! П.С. Башка од авион се гледа дека ‘тепачот’ е Тони Михајловски, не сте се потрудиле баш. Ни ова не знаете да го направите ко што треба. Бедници…“

Случајот отвора нова сериозна дискусија за злоупотребата на технологијата, особено вештачката интелигенција, во создавање лажни вести и компромитирачки содржини со цел дезинформација и манипулација на јавноста.

На почеток