Јапонија по три години повторно активираше смртна казна: Погубен „Убиецот од Твитер“


Јапонија денес ја изврши првата смртна казна по речиси три години, погубувајќи го Такахиро Шираиши, озлогласениот како „Убиецот од Твитер“, кој беше осуден за убиство на девет лица во 2017 година. Телата на жртвите биле распарчени и скриени во неговиот стан во близина на Токио.
Погубувањето предизвика бурни реакции, особено по сè погласните повици за укинување на смртната казна во земјата. Минатата година, најдолговечниот осуденик на смрт во светот, Ивао Хакамада, беше ослободен, што дополнително ја интензивира дебатата за оваа казнена мерка во Јапонија.
Шираиши беше уапсен во октомври 2017 година, откако полицијата во неговиот стан открила човечки остатоци. На судењето во 2020 година, тој призна дека ги убил сите девет жртви. Осум од нив биле жени, од кои една имала само 15 години, а единствениот маж бил убиен затоа што се обидувал да ја пронајде својата девојка, една од жртвите.
Според обвинителството, Ширайши отворил Твитер-профил со цел да пронаоѓа лица со суицидални мисли, ветувајќи им „помош“ во извршување на самоубиство. Во некои случаи им ветувал дека ќе се самоубие заедно со нив.
„Сакам да им помогнам на луѓето кои страдаат. Пишете ми кога сакате“, стоело во неговата Твитер-биографија.
Адвокатите на Шираиши се обиделе да госменат обвинението, тврдејќи дека дел од жртвите „доброволно се согласиле да бидат убиени“, но судот не ја прифатил оваа одбрана.
Случајот предизвика огромно внимание во јавноста, а за само 13 места во судската галерија се пријавиле над 600 луѓе. Неговото апсење ја отвори и јавната расправа за мрачните интернет-заедници поврзани со самоубиство, по што јапонската влада најави регулаторни мерки. Поради овој случај, Твитер ги измени своите правила и забрани објави што поттикнуваат или охрабруваат самоповредување и самоубиство.
Оваа брутална серија убиства го потресе јапонското општество и повторно ја стави смртната казна во фокусот на јавната дебата.
