Македонија

(ВИДЕО) „391 жртва само за три месеци“: Насилството не е приватна работа, туку наша заедничка одговорност“

Само во првите три месеци од 2025 година, во Северна Македонија се евидентирани 391 жртва на насилство, од кои 284 жени, 53 мажи и 54 деца, покажуваат податоците на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Насилството го извршиле 286 сторители, од кои 266 мажи и 20 жени, а најчести форми биле психолошкото (345 случаи) и физичкото насилство (221 случај), со регистрирани и 9 економски и 2 сексуални случаи.

Овие податоци беа споделени на денешната промоција на комуникациската кампања „Има живот без насилство“, во организација на Министерството за социјална политика, УНФПА и Британската амбасада. Целта е подигање на јавната свест за родово-базираното насилство и охрабрување на жртвите да проговорат.

„Насилството има многу форми. Некои се гледаат, повеќето не. Но сите болат,“ рече министерот Фатмир Лимани, нагласувајќи дека проблемот не е само женски, туку општествен.

Тој апелираше до институциите да не ја третираат жртвата како „предмет во папка“, туку како човек кој бара надеж и заштита. Жртвите, потенцираше, имаат право на живот без насилство, со достоинство и без страв.

„На мажите сакам да им порачам – машкоста не се мери со сила, туку со почит. Ако видиш насилство – реагирај. Ако слушнеш плач – не игнорирај,“ рече Лимани.

Според него, иако бројот на жртви расте, тоа не значи дека насилството е во пораст, туку дека јавната свест за пријавување се зголемува, благодарение на мултисекторската соработка и посветените напори за заштита и поддршка.

Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер, порача дека законот и полицијата не се доволни, и дека е неопходна промена на менталитетот:

„Насилството врз жените не е само лична трагедија, туку општествен неуспех. Сите имаме одговорност – да пријавиме, да поддржиме, да не молчиме.“

Тој нагласи дека Обединетото Кралство со години ја поддржува оваа иницијатива преку обука на кадар, развој на мултисекторски протоколи и интегрирани системи за прибирање податоци, но и со стратешка комуникација за менување на општествените ставови.

Пред присутните се обрати и Жаклина Гештаковска Алексовска од УНФПА, потсетувајќи дека родово-базираното насилство не познава граници и бара координиран одговор од сите сектори.

Настанот потврди дека насилството не е приватна работа – тоа е заедничка одговорност. Кампањата „Има живот без насилство“ повикува: не смееме да молчиме, мора да дејствуваме. Зашто во оваа борба, изборот е јасен – или си дел од решението, или си дел од проблемот.

БОНУС ВИДЕО:

 

На почеток