Свет

(Видео) Уапсена активистка во Белград: Грубо приведување на мајка на дете со аутизам предизвика бурни реакции

Утринава во Белград, покрај штандот кај плоштадот Фонтана, полицијата привела жена идентификувана како В.К., мајка на девојче со аутизам и основачка на културно-едукативниот Центар „Тара“. Снимка од моментот на приведувањето, на која се гледа како тројца полицајци ја внесуваат В.К. во службено возило со употреба на сила, се прошири на социјалните мрежи и предизвика остра јавна осуда.

Српскиот хип-хоп состав „Београдски синдикат“ потврди дека станува збор за В.К., објавувајќи поддршка и апел до институциите.

„Таа е човек кој несебично се залага за прифаќање и инклузија на децата и младите со развојни потешкотии. Очекуваме оваа неправда да биде итно исправена, а полицајците кои употребиле прекумерна сила – најстрого санкционирани“, напишаа членовите на бендот на Instagram.

Приведувањето се случува во контекст на засилените граѓански протести и блокади низ Белград, каде што од вчера се поставени физички бариери – контејнери и метални огради – на клучни крстосници. Утрово дошло до обид за разградување на блокадата на раскрсницата меѓу Булеварот на кралот Александар и улицата Белградска, кој бил спречен од студенти кои таму дежурале цела ноќ.

Протестите продолжуваат како реакција на неодамнешните апсења и наводната полициска бруталност, кои граѓански организации и активисти ги осудуваат како доказ за се поотворената репресија од страна на режимот.

На почеток