Свет

Маск му се заканува на Трамп, но нема моќ да го сруши?

Кога станува збор за политика, Илон Маск не се снаоѓа толку добро како во бизнисот. Иако вчера му се закани на Доналд Трамп и на републиканците како никој досега, шансите да ја реализира таа закана се мали.

За време на расправата за новиот закон за буџетот, Маск објави серија пораки на платформата X. Во една од нив директно се закани со политичка одмазда: „Секој член на Конгресот што кампањата ја базираше на намалување на потрошувачката, а потоа гласаше за најголемото зголемување на долгот во историјата – треба да се срами! Ќе ја изгуби изборната трка следната година, макар тоа било последното нешто што ќе го направам во животот.“

Изјавата е најостриот напад на Маск досега кон Трамп и Републиканската партија – и тоа од некој што до неодамна важеше за негов близок сојузник.

Но, според анализа на CNN, Трамп нема сериозна причина за загриженост. И покрај тоа што Маск успеа да ја трансформира автомобилската и вселенската индустрија, ништо не укажува дека може истото да го направи со Републиканската партија.

Маск, кој кратко време беше именуван од Трамп на чело на Одделот за ефикасност на владата, сега најавува политички отпор: сака да финансира предизвикувачи на сите републиканци кои го поддржале контроверзниот закон и размислува за основање своја партија – America Party.

Иако има ресурси за тоа – Маск вложил околу 300 милиони долари во политички кампањи, вклучително и во кампањата на Трамп – неговото влијание во партијата е ограничено. Како сопственик на X, може да води онлајн кампањи против републиканци, но досега се воздржувал од директна конфронтација со Трамп.

Во исто време, Маск го губи теренот и меѓу гласачите. Неговиот најгласен политички обид – поддршката за конзервативен кандидат на изборите за Врховниот суд во Висконсин – заврши со пораз. Според CNN, резултатот можеби би бил подобар да не се вмешал.

Главната пречка за Маск, според политички аналитичари, е што нема сопствена политичка база. Трамп веќе десет години ја доминира Републиканската партија и има силна, лојална поддршка. Дури и кога Маск беше негов најгласен сојузник, никогаш не беше централна фигура во движењето MAGA.

Сега, Маск се приближува до либертаријанското крило на партијата, како сенаторот Ранд Пол, кој исто така гласаше против законот. Но, како што потсетува CNN, ваквиот курс досега не донел победа на национално ниво.

Иако Маск не може да биде кандидат за претседател поради тоа што е роден надвор од САД, најави дека ќе основа своја партија доколку законот се усвои: „Ако овој луд закон помине, веќе утре ќе ја основам America Party. Оваа земја заслужува алтернатива на двопартискиот монопол.“

Сепак, како што пишува CNN, трета партија во американската политика е тежок предизвик – потребно е да се скрши емоционалната и историска врска што гласачите ја имаат со двете големи партии. Единствен кој бил блиску до тоа е Рос Перо во 1992 година, кој освои 19% од гласовите, но не победи во ниту една сојузна држава.

Во меѓувреме, Доналд Трамп остро возврати. Во неодамнешна изјава го нарече Маск „DOGE чудовиште што можеби ќе мора да го изеде“, алудирајќи на можноста да ја употреби извршната власт против него.

Маск веќе плаќа цена за политичкиот раскол: дел од пазарот му се сврте, а акциите на неговите компании паднаа. И додека неговото влијание во технологијата останува големо – Starlink е клучен за Украина, а SpaceX за американската вселенска програма – неговата политичка моќ останува скромна.

„Никој веќе не се грижи што ќе каже Илон“, изјавил неименуван висок функционер од Белата куќа за CNN.

На почеток