Европски шамар за Македонија: Трите најмоќни партии во ЕП бараат бришење на „македонски јазик“ и „идентитет“, за Мицкоски тоа е талибанско однесување


Трите најголеми политички групи во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕПП), Социјалистите и демократите (С&Д) и либералната „Обнови ја Европа“ – постигнале договор за отстранување на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од финалната верзија на извештајот за напредокот на Северна Македонија. Ова го објавија бугарските медиуми, повикувајќи се на европратеници од ЕНП.
Според предлогот, кој треба да се изгласа на пленарната седница на ЕП на 8 јули, наместо изречно да се признава македонскиот јазик и идентитет, во извештајот ќе се вметнат формулации со кои ќе се избегнуваат тие термини под изговор дека се „контроверзни“ и „чувствителни“.
Таквата позиција претставува значаен чекор назад во однос на нацрт-извештајот кој претходно помина во Комисијата за надворешни работи, каде четири пати експлицитно се споменуваа македонскиот идентитет и јазик – што Владата на Северна Македонија тогаш го претстави како „дипломатска победа“.
Но, новите амандмани – до кои дојде и порталот „Независен“ – покажуваат дека дури и известувачот Томас Вајц ретерира од првичните ставови, предлагајќи вметнување ставови дека прашањата за јазикот и идентитетот се „научни дебати“ и дека не треба да има прејудицирање од страна на ЕП. Овие формулации, според експертите, фактички ја легитимираат бугарската теза дека македонскиот јазик е варијанта на бугарскиот и дека потеклото на идентитетот е спорно.
Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше. Тој изјави дека „бришењето на македонскиот јазик и идентитет е исто толку лошо како и обидот да се додаде зборот ‘модерен’“. Според него, ваквиот потег го разоткрива суштинскиот проблем во преговорите со ЕУ – дека не се работи само за вклучување на Бугарите во Уставот, туку за длабоко непочитување на македонскиот национален идентитет.
„На талибански начин се брише македонскиот јазик и идентитет. Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“, изјави премиерот. Тој упати критика и до сите кои тврдеа дека со уставните измени ќе се затворат сите прашања, барајќи од нив извинување пред јавноста.
Меѓу поднесените 28 нови амандмани има и такви кои бараат да се замени зборот „македонски“ со „на Северна Македонија“, како и формулации што ја ставаат „заедничката историја“ со Бугарија во образовниот процес. Особено активен во тој контекст е бугарскиот европратеник Ивајло Велчев, кој самостојно поднел 10 амандмани, вклучително и предлог повторно да се внесе спорниот термин „современ македонски јазик“.
Сѐ уште не е јасно дали сите амандмани ќе бидат изгласани, но јасно е дека ЕУ ретерира, а Македонија останува повторно без гаранции за својот јазик и идентитет во европските документи. Од неофицијални дипломатски извори се сугерира дека целта е да се избегне блокада на извештајот и да се сочува „техничка неутралност“ во однос на историските спорови. Но, за македонските граѓани, тоа значи уште едно разочарување од европскиот пат.
