Трамп: Путин само сака да продолжи да убива – Украина мора да се брани со „Патриот“


Американскиот претсеател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин не покажал никаков интерес за прекин на огнот, туку напротив – сака „да оди до крај и да продолжи да убива луѓе“. Изјавата доаѓа по телефонскиот разговор кој Трамп го имал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кој разговарале за засилување на воздушната одбрана на Украина, вклучително и испорака на американски ракети „Патриот“.
„Ќе им требаат за одбрана… силно се погодени. Тоа се навистина импресивни ракети,“ рече Трамп, опишувајќи ги системите „Патриот“ како клучни во борбата против руските напади.
Иако администрацијата на САД претходно привремено стопираше некои испораки на оружје кон Киев, Трамп посочи дека е оптимист за обновување на поддршката, по „многу добриот разговор“ со Зеленски. Зеленски, пак, преку Телеграм порача дека работат на „зајакнување на капацитетот за одбрана на небото“, како и на заедничко производство и набавка на одбранбени системи.
Трамп откри дека разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц за можно вклучување на Германија во испорака на „Патриот“, но одлука сè уште не е донесена.
Официјален Киев предупредува дека секоја пауза во воената поддршка од Западот значи слабеење на нивната способност да се спротивстават на ескалирачките руски воздушни напади и офанзиви на фронтот.
