Премиерот Христијан Мицкоски, жестоко ја нападна стратегијата на Арбен Таравари и неговото движење, обвинувајќи ги дека на терен работат за интересите на ДУИ и практикуваат поделби од минатото.
„Знам која ви е стратегијата во Гостивар и Тетово – ‘да не дозволиме каурите да бираат градоначалник’. Знам што правите. Тоа е стратегија од 19 век“, изјави Мицкоски.
Тој го повика пратеникот Халил Снопче, дел од таборот на Таравари, да се откаже од таквиот пристап и му порача дека државата ѝ припаѓа на сите граѓани, без разлика на етничка или верска припадност.
„Ако сум јас Македонец, секогаш се обраќам на сите. Влегувате во замката на коалициониот партнер – ДУИ“, рече Мицкоски.
Според него, Таравари се одлучил да верува безусловно на ДУИ.
„Таравари не ми рекол ‘Ако сакате да останеме во Владата, треба Влен да излезе’, но ми рече ‘А зошто да не влезе ДУИ?’. И јас го гледам во очи и реков ‘Ако влезе ДУИ, што ќе си ми ти?’. И ме гледа... јас го гледам... и така траеше тоа можеби минута до две. ‘Епа добро’ рече и си замина“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Таравари свесно прифатил политичка математика во која, како што вели, ДУИ ќе го поддржува тивко, таму каде што тие нема да имаат кандидати.
„Синдромот на тоалетна партија веќе сте го почувствувале, не е добро пак да го почувствувате“, предупреди Мицкоски, изразувајќи разочараност што, според него, наместо вистинска реформа, Влен избрал да биде алатка во рацете на стариот политички естаблишмент.