Македонија

Почнуваат пристапните преговори со НАТО, Собранието ќе пресуди дали Македонија ќе стане членка

Претпристапните преговори за приклучување на Македонија во НАТО официјално почнуваат в четврток и петок во Брисел, со посетата на членовите на Комитетот за интеграција во НАТО и на Работниот комитет за интеграција на седиштето на Алијансата каде ќе се сретнат со нејзини претставници кои ќе бидат вклучени во процесот на утврдување на усогласеноста на земјата со стандардите на НАТО.

Со оваа сесија разговори во Брисел, Македонија де факто ја отвора последната фаза во односите со НАТО пред членството во Алијансата за што земјата доби покана на Самитот во јули во Брисел оваа година. Ова го истакна денеска на прес-конференција националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски кој заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров говореа за техничкиот дел на разговорите, но и за целокупниот контекст во кој тие ќе отпочнат односно собраниската дебата за предлогот за пристапување кон уставните измени кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името.

„Сето ова треба да оди преку имплементација на Договорот од Преспа, како што впрочем и ни диктира доминатната политичка волја на мнозинството македонски граѓани. Според сите анализи направени од релевантни институции и поединци, нашето членство во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но во исто време ќе биде и позитивен пример и придонес кон регионалнатата безбедност, стабилност и просперитет“, рече Пендаровски.

Тој појасни дека Комитетот за интеграција на НАТО кој е на министерско ниво беше формално реактивиран откако Македонија ја доби поканата за членство, а на оперативно ниво Работниот комитет за интеграција на чие чело е тој, веднаш почнал со реализација на обврските кои произлегуваат од програмата за продолжување на реформите која е изготвена на ниво на нацрт. Примарниот фокус во оваа програма што ќе биде презентирана на првиот состанок е насочен кон владеењето на правото, судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во одбранбениот сектор, но и во безбедносните служби, како и правните прашања кои произлегуваат од членството на Македонија во НАТО.

Разговорите ќе се одвиваат во две сесии, првата ќе ги опфати политичките и одбранбените прашања за исполнување на критериумите, а втората прашањата поврзани со ресурсите, безбедноста, правните аспекти, како и придонесот на Макеоднија во заедничкиот буџет на Алијансата. Во оваа фаза на преговорите начелно ќе биде утврдена временската рамка за нивно комплетирање.

Пендаровски истакна дека процесот би требало да заврши до крајот на декември оваа година, во јануари 2019 е предвидено Македонија да го потпише протоколот за пристапување со право на учество во сите тела и органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе го ратификуваат тој протокол за пристапување, секоја поединечно во своите национални парламенти. Во случајот со Македонија предвидено е Грција да биде првата земја членка која што ќе го ратификува овој протокол, откако земјата ќе го заврши својот дел од обврските од Договорот во Преспа.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток