Македонија

Состанок на француско-германската иницијатива за нелегалната трговија со оружје

Состанок на француско-германската иницијатива за координација на донатори во врска со нелегалната трговија со огнено оружје во Западен Балкан ќе се одржи денеска во Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Во 8:45 часот пред Делегацијата на Европската Унија, министерот за внатрешни работи, господинот Оливер Спасовски, ќе даде изјава пред да го отвори настанот, како и во 16:30 часот во салата на  Инфо-центарот на ЕУ, на конференција за печат на која шефовите на француската и на германската делегација ќе информираат за текот и за заклучоците од состанокот.

Големото ширење на мало и лесно оружје (SALW – МЛО) во регионот на Западен Балкан и постојаните предизвици за негова ефикасна контрола, носи ризици како за регионалната, така и за европската безбедност. Препознавајќи ја потребата за поинтегрирана и покоординирана акција за справување со проблемите со МЛО во регионот на Западен Балкан, Германија и Франција почнаа заедничка иницијатива за координација на донатори за нелегална трговија со огнено оружје и сеопфатна контрола на МЛО. Оваа иницијатива има пристап на две нивоа.

Регионален акционен план со специфични и мерливи цели за намалување на недозволената трговија со мало оружје до 2024 година, беше разработен и договорен од страна на партнерите од Западен Балкан. Овој документ претставува основа за зајакнување на соработката помеѓу донаторската заедница и властите од Западен Балкан. Документот беше официјално одобрен од шефовите на држави и влади на Самитот за Западен Балкан од Берлинскиот процес на 10 јули во Лондон.

На национално ниво, донаторските координативни состаноци со кои претседаваат Германија и Франција годинава се организирани кај сите шест регионални партнери за да обезбедат заедничка анализа од страна на националните власти и меѓународните партнери за приоритетите за подобрување на борбата против недозволената трговија со огнено оружје и да ги идентификуваат можностите за понатамошна соработка и иницијативи за заедничко програмирање. Состаноците, исто така, придонесуваат за изработка на националните акциски планови за спроведување на регионалниот план. Првите четири национални донаторски состаноци се одржаа во Подгорица на 2 февруари, во Белград на 18 април, во Сараево на 5 јуни и во Тирана на 20 септември.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток