Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ вчеравечер почнаа генерална акција за рачно миење на градските улици и булевари, сооопшти Град Скопје.
„Акцијата се одвиваше во ноќните часови, за да не се попречува одвивањето на сообраќајот, а во текот на изминатата ноќ рачно со автоцистерни беше измиен коловозот на булеварот Партизански одреди, на потегот од крстосницата со улицата Франклин Рузвелт кон центарот на градот“, информира прес-службата на Град Скопје.
Како што најавија, миењето на градските улици и булевари во централното градско подрачје ќе продолжи во наредните денови, во зависност од временските услови, а потоа акцијата ќе се прошири и во другите скопски општини.
Целта на оваа активност на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“ е да се подобри хигиената на јавните градски површини. За акцијата ќе бидат ангажирани три цистерни и едно помало специјално комунално возило ВАП кое ќе послужи за чистење на плоштадот „Македонија“ и на улицата Македонија. Паралелно со акцијата за рачно миење на градските улици и булевари ќе се одвива и редовното машинско миење на коловозите, со цистерни.