Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев одговарајќи на новинарско прашање во врска со малопродажните цени на нафтените деривати, истакна дека цените што нафтените компании ги дефинираа на пазарот, на нивните бензиски пумпи се исти или слични какви што би биле и по методологијата што до скоро се применуваше.
Според него тие направиле коректен пристап кон пазарот, со тоа што не ги зголемијале цените, иако пазарот во овој период е либерален.
-Основниот предзнак на законот за енергетика што го донесовме е повторно конкурентност и либерализација и државата нема да се меша во тоа. Напротив државата единствено само ќе постави максимален праг на цените на горивата, а под тој праг им е дозволено на сите нафтени компании или компании што се занимаваат со продажба на нафтени деривати да воспостават свои пазарни цени. Максималниот праг е со цел да ги заштити граѓаните од евентуалното монополско здружување кое не можам да кажам дека постои, рече Анѓушев .