Македонија

Вработени во УБК и ексминистри денеска на суд

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Триста“, „Тврдина 2“ и „Топлик“.

Во „Триста“ обвинет е поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

Во „Тврдина 2“  првообвинет е екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, како и шест вработени во УБК. Минатата расправа беше одложена поради недоставената пресуда на Врховниот суд на Грција од страна на Министерството за правда на Северна Македонија.

На обвинетите во случајот „Тврдина 2“ им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.

Во случајот „Топлик“ првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште и уште пет други лица.

На почеток