„Сметам дека процесот на решавање на спорот за името е од апсолутен приритет и тоа е најзначајниот процес од осамостојувањето до денес. Нема да дозволиме за дневнополитичко профитирање да се загрози интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ“, изјави неодамна пратеникот на ДУИ Артан Груби.
Од Беса и од Алијансата за Албанците засега нема најави дека ќе отстапат од своето барање за додатни амандмани во уставните промени што ќе се однесуваат на позицијата на Албанците во Македонија, а тука не случајно се споменуваат точките од т.н. Тиранска платформа.
„Обезбедувањето на 2/3 од гласовите во Собранието за отворање на патот за промени на Уставот на државата е многу важен чекор не само за интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, туку и можност преку логични аргументи и конкретни предлози да се интервенира во појаснување и зајакнување на правата нa Албанците во Македонија со укинување на навредливи стапки на проценти.
Верувам дека сите партии кои ја потпишаа Декларацијата во јануари 2017 година ќе стојат на зборот и ќе го променат Уставот со цел и Албанците да ја почувствуваат оваа држава како своја. Албанскиот јазик да биде службен, како што стои во Декларацијата на политичките партии на Албанците, но и што беше дел од Охридскиот договор и преамбулата или државата да биде на сите граѓани или на Македонците, Албанците и другите заедници“, изјави неодамна Биљал Касами од Беса.
