Македонија

Институтот за јавно здравје стана рамноправен член на СЗО и Глобалниот систем за надзор на грип

Мисијата на Светска здравствена организација (СЗО) покажа дека Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика (ЛВМД) при Институтот за јавно здравје во целост ги исполнува барањата на СЗО и стана рамноправен член на СЗО и Глобалниот систем за надзор и одговор на грип (ГИСРС). Станува збор за многу важно признание за македонското јавно здравство. Целта на мисијата беше да се оцени усогласеноста на работата на лабораторијата со стандардите на СЗО.

Тоа значи дека пациентите и здравствените работници можат да бидат сигурни во дијагностиката и резултатите кои што ги добиваат од Институтот за јавно здравје. Оваа лабораторија активно е вклучена во предвидувањето на соевите на инфлуенца на грип кои ќе циркулираат во Северна Македонија и во Европа и во одредувањето на соевите кои ќе бидат вклучени во создавањето на вакцината на грип за следната сезона. Со тоа, нашата земја директно се вклучува во превенцијата на грипот.

Ова признание има пошироко значење, тоа е потврда на капацитетите на државата од аспект на едуциран кадар, опрема и соодветни реагенси, како и ниво на безбедност во лабораторијата, за брза, навремена и веродостојна дијагноза не само на грип туку и на други вирусни, високо патогени агенси, значајни за јавното здравје.

Во периодот од 27 – 29 мај 2019 год, на барање на доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство во Република Северна Македонија, во Институтот за јавно здравје, СЗО спроведе мисија за проценка на Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика со цел да се проверат и верифицираат нејзините квалитети за да стане формален член на СЗО и Глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на СЗО признаени национални центри за грип.

Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика е формирана во 1960 година и функционира како референтна лабораторија во земјава за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси, вируси на хеморагични трески и други.

Токму оваа лабораторија, предводена од доц. д-р Голубинка Бошевска и доц. д-р Шабан Мемети, како директор на Институтот, стана Национален инфлуенца центар.

Процесот на унапредување на капацитетите на лабораторијата беше континуиран. Особено зајакнување се постигна со интензивирање на соработката со СЗО, Центарот за контрола и превенција на болести во САД, Здружението на јавно-здравствени лаборатории на САД, Центарот за надзор и контрола на инфективни болести на Југоисточна Европа и други меѓународни партнери кои обезбедија техничка помош во развојот капацитетот на оваа Лабораторија.

Светската здравствена организација утврди дека Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје има соодветни капацитети за спроведување на софистицирана лабораториска дијагностика. Таа е способна да се справи и да ги изолира сите сезонски хумани вируси на грип како и анималните типови на грип.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток