Магазин

Почнува театарскиот фестивал „Скупи 2018“

Дванаесеттото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“ ќе се одржи од 24 до 30 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје, под мотото „Отаде границите“.

Годинава ќе гостуваат седум театри од седум европски земји, а фестивалот ќе го отвори претставата „Татко ми го сакаше Адолф“ на Мехмет Краја, во режија на Илир Бокши, во продукција на Театар Гнилане од Косово.

На 25 октомври игра претставата „Кралот Иби“ од Алфред Жари во режија на Горан Јефтиќ, а во продукција на „Девет-фестивал“ од Белград.

Следниот ден, в петок, следува италијанската претстава „Хамм-лет, студија на ненаситност“ на Џорџо Церути и „Малата компанија на Магнолија“ од Торино, Италија.

На 27 октомври игра „Опасни врски“ на Драмскиот театар „Николаи О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија, во режија на Константин Еленков.

В недела, на 28 октомври, ќе биде прикажана „Мајка и дете“ од Јон Фосе, во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на МАМ фондацијата од Тирана, Албанија.

На претпоследниот ден од фестивалот гостува ЈУ Сараевски воен театар „Сартр“ со претставата „Брашното во нашите вени“ од Игор Штикс, во режија на Борис Лијешевиќ.

Фестивалот ќе го затвори Независниот театар „Проект-чекална“ од Клуж, Романија, со претставата „Окупирај се“ во режија на Космин Матеи.

На фестивалот ќе биде доделена гран-при награда за најдобра претстава за која ќе одлучува тричлено меѓународно жири.

На почеток