Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со директорот на Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер.
На средбата се разговараше за значењето на континуираната соработка и поддршка што нашата земја ги добива од Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) во процесите важни за јакнење на институционалните и економски капацитети на државата, како важен придонес во подигнување на стандардите и интензивирање на соработката со Сојузна Република Германија, којашто претставува земја – стратешки економски и политички партнер на Република Северна Македонија.
Во таа насока се зборуваше и за иницијативите и поддршката што Германија и ја пружа на нашата земја и преку експертизата на советникот Валтер Дефа, делегиран од Канцеларката Ангела Меркел во неколку клучни економски области, како што се координација на економските политики, балансиран регионален развој, енергетика и политики за климатски промени, а како најважна област на која во иднина ќе се посвети посебно внимание беше посочено подигнувањето на конкурентноста особено кај малите и средни претпријатија за нивно побрзо вклучување на меѓународните пазари.
„Најголемиот фокус на Владата е економијата. Нашата клучна определба е како држава да ги поддржиме сите процеси коишто значат подигнување на конкурентноста на приватниот сектор, преку низа мерки коишто ги спроведуваме низ Планот за економски раст и преку мерки за поддршка на раст на конкурентноста преку Министерството за економија. Вашата помош и експертиза за нас се многу значајни и очекуваме од соработката со советникот Дефа и Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) да постигнеме резултати кои ќе значат зајакнување на институционалните и економските капацитети на земјата“, рече премиерот Заев.