Скопје

Опасен радиоактивен отпад во сред центар на Скопје

Опасен радиоактивен отпад со години стои во подрумските простории на Клиниката за онкологија и преставува темпирана бомба од безбедносен аспект, дознава НОВА од извори запознаени со оваа проблематика. Станува збор за радиоактивен кобалт 60 кој е многу опасен по здравјето на луѓето доколку се изложат на неговото зрачење.

Но, на Онкологија нема само опасен радиоактивен кобалт. Таму во последните 50 години бил складиран и друг радиоактивен отпад, како што е радиоактивно злато, радиум, цезиум кои биле користени во медицината, а немало каде да се однесат.

Опасниот радиоактивниот кобалт 60 кој со години се наоѓа на Клиниката за онкологија најдоцна  до јуни треба да биде изнесен од државата, потврдија за НОВА во Агенцијата за радиjација. Владата повеќе од половина година барала странска помош за да се отстрани радиоактивниот материјал од државата. Помош прво се барала од САД, за потоа да биде  договорено акцијата да ја спроведе Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, со седиште во Виена.

Според строгата меѓународна процедура, акцијата треба да се одвива ноќе кога нема движење на пациенти и луѓе по улиците на градот. Транспортот ќе биде спроведен со специјално возило според највисоки стандарди, со придружба на полицијата, експерти од Меѓународната Агенција за атомска енергија и од Агенцијата за радијација. Радиоактивниот кобалт ќе биде однесен во Германија или Франција, една од двете земји кои се јавиле на тендерот.

Во Македонија има 16 места кои се извор на радиоактивно зрачење. Дури четири од нив се наоѓаат во Скопје.

 

Текстот во целост на: novatv.mk

 

На почеток