Владата очигледно воопшто не се грижи за граѓаните и за нивното здравје, а не се грижи ниту за докторите, медицинските сестри, здравствените работници. Владата крати финансиски средства таму каде што е најкритично, таму каде што се најпотребни – во здравството. За оваа една и пол година успех има само во договорите во четири очи и местењето тендери, меѓутоа но не и во подобрување на состојбата во здравството, обвини Ленче Нелоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со ребалансот на буџетот за 2018 година СДСМ крати пари за рана детекција на малигни заболувања. За оваа намена е предвидено да се намалат речиси 80 илјади евра. А се кратат и околу 60 илјади евра наменети за едукација на лекари. Замислете! Нешто во што вложуваат земјите од целиот свет, како што е раната детекција на малигните болести, како што е едукацијата на лекарите, не е важно за министерот за здравство, Венко Филипче. Колку за илустрација: претходно, навремено имаше доволно термини за превентивни прегледи за првенција од малигни болести, а сега само за мамографија, на пример, се чека по 2 до 3 месеци. Претходно, околу 3.000 здравствени работници беа упатени на едукација во врвни медицински центри во Европа и светот, а сега колку и каде се пратени?“, прашува таа.
Според неа, за новата клиничка болница во Штип, која требаше веќе да биде готова, се кратат околу 600 илјади евра за изградбата, а таа е од голема важност за жителите на поголем регион од Македонија.
„Владата предводена од Заев продолжува да го уништува здравството во Република Македонија. Ги заборавија и граѓаните, ги заборавија и здравствените работници. Затоа, пак, не се заборавени нестручните и сомнителните ликови кои добиваат функции. Не се забораваат ниту набавките во четири очи и местењето тендери“, рече таа.