Власта и натаму за залага за помирување меѓу пратениците и сите политички субјекти во земјата со цел обединување околу стратешките цели – членството во ЕУ и НАТО, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира за амнестија за сите инволвирани во настаните во Собранието од 27 април. Веќе е најавено формирање на собраниска комисија за помирување. Иницијативата за нејзино формирање дојде од осумтемина пратеници од опозицијата, кои минатиот петок дадоа поддршка за отпочнување на процесот за уставни измени.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најверојатно ќе ја води комисијата за помирување, но сега засега се чека на ставот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова беше еден од заклучоците на вчерашната средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Џафери, прва по гласањето за уставни измени во петокот.
Премиерот Зоран Заев повтори дека кога повикува на помирување во национално обединување во Парламентот, всушност нема намера да се меша во работата на правосудните органи. За него случувањата во опозицијата се внатрепартиски работи и рече дека верува во силна опозиција, во силно ВМРО-ДПМНЕ.