Спорт

В недела Македонија ќе го одбележи светскиот Ден на џудото

Џудо Федерацијата на Македонија осма година по ред ќе биде дел од глобалното одбележување на Светскиот ден на џудото, кој традиционално се прославува на 28ми октомври, роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано. По овој повод, Џудо федерацијата на Македонија во недела, 28ми октомври, ќе организира настан на кој заеднички ќе тренираат и ќе ги претстават своите вештини џудисти од повеќе македонски џудо клубови.
Идеата за заедничкиот настап на џудистите од македонските клубови е во согласност со овогодинешната тема за Светскиот ден на џудото – Пријателство. Годинашната тема е само продолжение на кампањите преку кои се промовираат вредностите кои ги носи џудото, како што се чест, истрајност, џудо за сите, почит… Овој ден е посветен на сите љубители на џудото, на тренерите, џудистите, како и на сите оние кои со страст, посветеност и љубов го тренираат и промовираат овој олимписки спорт. Денес, повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот секојдневно тренираат џудо, а бројот на оние кои практикуваат џудото во Македонија и во светот постојано се зголемува. Меѓународната Џудо Федерација на Џудо брои 200 земји-членки.
Иако џудото е боречки спорт, секојдневно, за време на тренинзите, натпреварите, како и секој 28 Октомври, на татамите и надвор од нив, ние џудистите докажуваме дека „џудото е повеќе од спорт“, дека преку џудото е можно да се живее заедно, во единство и пријателство, и што е најважно со почит едни спрема други.
Одбележувањето на Светскиот ден на џудото ќе се оддржи во недела, 28ми октомври, во спортската сала „Македонско сонце“ при основното училиште „11 Октомври“ во Скопје со почеток од 12 часот, а на истото освен вљубениците во џудото се очекуваат да присуствуваат и високи претставници на државниот естаблишмент, амбасадори, бизнисмени и останати гости.
Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток