Македонија

Демократската фракција бара од Мицкоски итен конгрес на кој ќе се обликува идното ВМРО-ДПМНЕ

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ со отворено писмо се обрати до лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, бидејќи, како што велат оттаму, повеќето нивни предлози, поради немање храброст, се игнорирани или останале во потсвеста на раководството.

Од ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција кон Мицкоски изразуваат максимална поддршка во однос на расчистувањето со, како што велат, криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони, во име на поубавата иднина на партијата и државата.

„Иако ова го очекувавме од Вас и Вашето раководство веднаш по брзиот и нестатутарен конгрес во Валандово, сепак и задоцнетиот Ваш потег од пред неколку дена го поддржавме и го поддржуваме. Во оваа пригода сакаме да ви укажеме дека Вашата улога во овие случувања не смее да биде епизодна и селективна, туку треба да продолжи со истиот принцип и темпо кон сите што се огрешиле кон државата, граѓаните и партијата. Притоа очекуваме од Вас и јавно извинување во име на партијата кон сите граѓани на Македонија за сето сторено зло од изродите во нашата партија. Потребно е да се стави крај и да им се каже довидување на сите оние што живееја и профитираа од државата и партијата“, се наведува во отвореното писмо.

Од Демократската фракција потенцираат дека за сите директни и индиректни учесници и соучесници во криминалите на претходната власт очекуваат фер судска разрешеница, а не амнестија.

„Амнестијата не треба да биде средство за собирање дневнополитички поени или, пак, давање лажна надеж на обвинетите и осомничените затоа што таа нема да се случи и ќе се врати како бумеранг поради досега погрешно водените и неискрени партиски политики исклучиво за спас на кожата на врховната партиска булумента“, стои во соопштението.

Од Демократската фракција сметаат дека е потребен итен разговор и договор за новите стратешки, програмски и кадровски постулати, кои, како што велат, ќе го обноват компромитираното и руинирано партиско ткиво.

„Лажните и козметички промени и привидно единство не смеат да се дозволат бидејќи потребна ни е победа на следните избори. Потребна е реална и коренита промена! Нов тимски приод на работа и раководење. Потребна е јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ во иднина. Немојте да бегате од неминовната потреба за одржување итен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој треба да донесе одлука со која ќе се определи дали ВМРО-ДПМНЕ во иднина ќе биде партија или движење, дали и понатаму ќе продолжи да функционира како злосторничко криминално здружение или најитно ќе се врати на демократскиот колосек како современа демократска и патриотска политичка партија, која ќе биде на браникот на националните интереси“, се вели во обраќањето до Мицкоски.

Од Демократската фракција потенцираат дека нема да бараат промена на партискиот лидер, туку измени и дополни и демократизација на Статутот, меѓу кои и зајакнување на раководењето со партијата.

„Ова зајакнување треба да биде во насока на привремено колективно раководење со партијата, со претседавач како primus inter pares во идниот и привремен колективен орган. Ова го бараме поради фактот што сите досегашни партиски лидери по разни основи ги злоупотребија позицијата и дадената доверба од членството, како и поради потребата одговорноста да биде поделена на повеќе нивоа во турбулентниот период што ни претстои“, стои во соопштението.

Од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ изразуваат надеж и дека Мицкоски ќе собере сили и храброст и ќе ја поддржи иницијативата за распишување нов референдум на национално ниво, со цел, како што велат, за конечно зацврстување на статусот и позицијата на Македонците, на македонскиот јазик, историјата, традицијата, наследството и културата, како и стремежот за членство во западноевропските асоцијации и организации наспроти содржината, според нив, на неуставниот и ништовен преспански договор.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток