СДСМ крати над 29 милиони евра од буџетот наменет за образование, обвини денеска Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ветуваа инвестиции во образованието, подобри услови во основното, средното и во високото образование кога беа во опозиција, а сега кога се на власт, образованието воопшто не е ни на нивната листа на приоритети. Најголемо кратење во секторот образование е во делот на капитални расходи и инвестиции, во делот инвестиции, и овие кратењата се 5 милиони и 700 илјади евра, а за капитални расходи се кратат неверојатни 13 милиони и 530 илјади евра. Тоа, почитувани, се над 19 милиони евра за инвестиции, што подразбира изградба и реконструкции на училишта и научни установи, набавки на опрема и друго што е потребно за функционирањето на образованието“, вели Василевска.
Василевска на денешната прес-конференција истакна дека над 1 милион евра се крати во основното образование, односно дека тоа биле кратења во делот на изградба и реконструкции на училишта, набавка на опрема и материјали, понатаму вели дека власта крати и од ставките за средно образование, и тоа 880.000 евра, а од ставката за ученички стандард се кратат неверојатни 1 милион и 750 илјади евра, обвини Василевска истакнувајќи дека најзафатено од големите кратења било високото образование или, според неа, секторот во кој власта ветувала големи инвестиции денеска скратила 5 милиони евра.