Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, ја потенцира важноста од имплементирањето на системот на иновации во креирањето еколошки напреден град, како и чекорите што Град Скопје ги реализира во оваа област за време на неговото учество на регионалниот самит Regional Living Lab Summit, кој во наредните неколку дена се одржува во Истанбул, Турција.
„Град Скопје презема чекори и активности за да овозможиме систематски и интегрален пристап кон креирање услови за развој на иновативен екосистем. Нашиот пристап се рефлектира преку еден поширок концепт на Центарот за креирање и развој на бизниси. Преку овој концепт системски се развиваат повеќе области, каде што реализираме поголем број активности и проекти. ‘Скопје лаб’ е резултат на соработката помеѓу Град Скопје и УНДП. Целта на овој центар е зајакнување на капацитетите на градската администрација, нејзините процеси, постапки и дејствување. ‘Скопје лаб’ функционира како центар за иновации на Град Скопје, чиј фокус е подобрување на услугите што градот им ги нуди на граѓаните.
‘Лабораторијата за урбано живеење’ во Скопје е резултат на успешното дејствување во рамките на проектот РОК во рамките на европската програма за истражување и иновации ‘Хоризонт 2020’. ‘Лабораторијата за урбано живеење’ има цел да биде модел за развивање на можности во Скопје. Од аспект на функционалност, целта му е да ги зближи широкиот опсег на заинтересирани страни од областа на развојот и урбаното планирање“, рече Шилегов.
Самитот го отвори градоначалникот на Истанбул, Мевлут Ујсал, и тој има цел да креира модел за развој на иновативен екосистем во регионот, со акцент на можноста Истанбул да прерасне во регионален центар и мост помеѓу земјите во развој од Блискиот Исток и Северна Африка и веќе развиените земји од Европа.
Искуството на градот Истанбул на полето на иновативен развој покажува дека клучот на успехот е во моќта на одлучувањето, политиките и посветеноста на општините и владата, кои се поддржани од страна на јавни, приватни или академски иновативни екосистеми. Истанбул има екосистем составен од повеќе од 60 иновативни центри.
На самитот во Истанбул учество зедоа претставници на голем број општини и државни институции од Турција, научни центри и универзитети и организации вклучени во иновативните екосистеми, како и градоначалниците на Тунис – Бен Суад, на Приштина – Шпенд Ахмети и на општината Трептоу-Копеник во Берлин, Свен Шмол.
Во рамките на посетата на Истанбул градоначалникот Шилегов и делегацијата на Советот на Град Скопје остварија средба со градоначалникот на Истанбул, Мевлут Ујсал. На средбата е дискутирано за досегашната соработка меѓу двата збратимени града, како и за можностите и областите во кои може таа да се интензивира.