Македонија

На исклучените од ВМРО им се приклучува Авировиќ

Исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за уставните измени немаат намера да го вратат мандатот, како што бара матичната партија. Меѓу нив траат последните консултации по што е најавено официјално формирање нова пратеничка група, која самостојно ќе дејствува во Собранието. Засега нивната група ќе брои осум пратеници, но се остава простор за проширување со евентуално нови пратеници од актуелната опозиција.

Според информациите што ги добивме од исклучените пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, на нив ќе им се придружи и Слободанка Авировиќ од Социјалистичката партија која, исто така, одлучи да гласа „за“ договорот со Грција со што ја „предаде“ коалицијата „За подобра Македонија“.

„Во овој момент, приоритет ни е да се договориме меѓу себе, да ги искоординираме следните настапи и да видиме како ќе функционираме во иднина. Не се приклонуваме никому, ќе бидеме самостојни. Потоа, ќе разговараме и со Панче Минов, кој најави дека нема да ги поддржува политиките на ВМРО-ДПМНЕ поради разрешувањето на Митко Јанчев од потпретседателското место. Секако дека сме отворени за соработка, но не можеме да предвидиме што ќе се случува во следните фази од процесот во парламентот“, велат нашите соговорници.

Исклучените пратеници не сакаат од името на новата група да биде избришан префиксот ВМРО, па се прават комбинации како да се зачува. Потсетуваат дека во минатото имало примери каде ВМРО-ДПМНЕ имало и по десет свои пратенички групи со исто име со цел да имаат повеќе време за збор на седниците во Собранието или на комисиските расправи.

Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ и вчера продолжија да ги напаѓаат седумте нивни пратеници што им свртија грб: Крсте Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова, Зекир Рамчиловиќ, Емилија Александрова и Елизабета Канческа-Милевска. Потенцираат дека само неколку дена пред да гласаат „за“, Александрова, Исмајлоска-Старова и Канческа-Милеска гласале „против“ ставањето на точката за промена на уставот на дневен ред на парламентарната седница.

„Четири дена подоцна, гласаат сосема спротивно. Можете да претпоставите што се случувало во тие четири дена“, обвинуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток