Градот Скопје ја започна реконструкцијата на коловозот на улицата Февруарски поход во скопската Општина Аеродром. Увид во градежните работи на оваа делница денеска изврши градоначалникот Петре Шилегов.
-Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на главните сообраќајници насекаде низ нашиот град. Денеска ја почнавме реконструкцијата на оваа фреквентна и оштетена улица Февруарски поход во населбата Ново Лисиче. Реконструкцијата на коловозот ќе се изведува во должина од 720 метри, а предвидено е да се заврши, како што стана традиција, за рекордно кратко време, во рок од 20 дена – рече Шилегов.
Тој додаде дека императив на Градот е да се обезбедат безбедни сообраќајници за сите учесници во сообраќајот, без создавање сообраќаен метеж.
-За реконструкцијата на оваа улица Град Скопје ќе потроши околу 7,49 милиони денари- кажа Шилегов.
Градоначалникот Шилегов, повторно ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.