Некатегоризирани

СЈО бара да биде автономна институција

Специјалното јавно обвинтелство го објави извештајот за своето работење во периодот од 15 март 2018 година до 15 септември 2018 година, во кој се наведува дека во овој извештаен период конечно започнаа судските рочишта по сите обвиненија поднесени од страна на ова Јавно обвинителство и одобрени од страна на судот.

– Пресудите донесени во текот на шестиот извештаен период против три лица во два различни предмети, како и пресудите донесени од страна на Апелацискиот суд Скопје со кои се потврдени првостепените пресуди против вкупно пет лица ја потврдија оправданоста на поднесените обвиненија во смисла на кривичните дела кои им се ставаа на товар на обвинетите, се наведува во извештајот од СЈО.

Во извештајот пишува дека СЈО очекува во претстојниот период од надлежните институции да се превземат потребните мерки и законски услови ова обвинителство да се инкорпорира во Јавното обвинителство на Република Македонија како самостојна институција, која ќе има автономност во постапувањето по делата од негова надлежност и гонење на кривични дела на корупција од висок профил.

– СЈО е на ставот дека во периодот до истекување на законскиот мандат на ова Јавно обвинителство треба единствено да се направат соодветни подготовки за прилагодување на законските норми со кои би се овозможила интеграција на СЈО во Јавното обвинителство на Република Македонија. Од овие причини сметаме дека по 2020 година со имплементација на соодветни законски решенија кои би се донеле е потребно на ова Јавно обвинителство како самостојна институција во јавнообвинителскиот систем на Република Македонија да му се овозможи автономност во постапувањето, и тоа не само по делата од сегашната негова надлежност, туку да добие надлежност и за гонење на кривични дела на корупција од висок профил, стои во извештајот.

Од СЈО посочуваат дека во идниот период судот поинтензивно ќе ги закажува рочиштата по одобрените обвиненија со што ќе се овозможи во соодветни судски постапки да ги докаже кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите со поднесените обвиненија.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток