Министерството за здравство ја демантира објавата на некои медиуми дека случај на западнонилска треска е откриен на инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“.
„Кај ниту еден пациент во Република Македонија не е потврдено присуството на вирусот на западно-нилска треска. Пациентот, којшто се издвојува во прилогот на 1ТВ, бил примен во Градската општа болница „8 Септември“ со симптоми на грип и висока температура. Но, испитувањата докажале дека не станува збор за западно-нилска треска. Истакнуваме дека ова е случај стар 3 недели и пациентот во меѓувреме е пуштен дома, без компликации по неговото здравје.
Ги уверуваме граѓаните дека министерството во континуитет ја следи состојбата, за евентуалната појава на вирусот на западно – нилска треска, но и за евентуална појава на други вируси, велат од министерство за здравство.
Оттаму додаваат дека, Министерството за здравство во ниту еден момент немало намера да прикрие какви било информации.
„Новинарката од 1ТВ во изминативе неколку недели беше во постојан контакт со министерството. Со прилогот којшто беше емитуван на телевизијата 1ТВ, се создава неоснована паника и страв кај граѓаните. Вчеравечер, испративме реакција до медиумот 1ТВ, меѓутоа воопшто не е пренесена оваа реакција на тој медиум. И затоа Министерството за здравство повторно бара од медиумот 1ТВ во целост да ја пренесе оваа реакција“, стои во соопштението од МЗ.