Македонија

Пендаровски на Галичка свадба: Им посакувам многу слога, љубов и разбирање на младенците

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на 46. манифестација „Галичка свадба“, којашто се одржува под негово покровителство.

„Чест и задоволство ми е што сум покровител  на годинешната Галичка свадба, не само како Претседател, туку и како човек кој и самиот е по потекло од ова село и од овој крај.

Во овие денови на радост ќе ја следиме поворката на свадбарите, ќе се потсетиме на автентичните обичаи, на разнобојните носии, на свадбарските песни, на мијачкиот фолклор и ќе се насладуваме во живописниот пејзаж.

 Пред многу години на Петровден во Галичник имало и по  четириесет венчавки во црквата „Св. Петар и Павле“, а денеска сме сведоци на заветот на Огнен и Марина. Им посакувам многу слога, љубов и разбирање во нивниот иден заеднички живот. Посакувам радоста на едниот да се придодаде на другиот, а бремињата да им бидат двојно полесни, зашто бремето на едниот ќе го носи и другиот. Им посакувам да добијат и прекрасни дечиња со кои заедно ќе се радуваат. Нека им е со среќа!

Се надевам дека ова незаборавно искуство ќе инспирира и многу други млади луѓе, кои имаат потекло од живописниот Галичник, да ја продолжат оваа прекрасна традиција со која ја збогатуваме неспорно и пошироката европска култура.

 Сметам дека не треба да се задоволуваме со неколкудневна манифестација што ќе се одржува само на едно место, или само еднаш во годината. Да ги користиме овие манифестации како можност за оживување на руралните места низ земјата, да го развиваме алтернативниот туризам, да инвестираме во органското производство на храна, и со тоа да им нудиме несекојдневно искуство на домашните и настранските гости. Убеден сум дека потенцијалите се огромни, само треба да бидеме како галичаните – креативни, трудољубиви, храбри и убави се разбира“, изјави Пендаровски.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток