Македонија

Ние имаме искуство а вие пари, на крај, вам ви останува искуството а нам парите!

Претседателот на Владата на Републикава (сѐ уште не е во пламен) закажува некаква „Лидерска сеанса” во Клубот на Пратениците?! Иако тој не е пратеник? Згора кани и други кои не се пратеници? Навистина. г.Ахмети кротко седи во Собранието од 2002, но, нема некоја придобивка земјава од тоа, или, не повеќе колку од најпопуларниот азилант од Републикава. Муковски барем и пееше (покрај другите активности). Одете во некое партиско седиште, кафеана, пред кооперација, одете кај сакате, мајка барате таму, во Клубот на Пратениците?!

Ќе си ги прераскажувате благопријатните вести од братскиот Азербејџан, ќе дискутирате за разно разните инвеститори, градители и инспектори и секакви корисници на владина поддршка, да добијат рок од една година да ги усогласат законите, проектните документации и непотребните дозволи и гордо ќе прогласат – Дивоградби немет во Охрид! Секако, што би рекле постарите, мајата нема да ја одмине ниту Матка, и таа чудесно ќе се трансформира во легална инвестиција. Сите треба да викаме -Држте ми го датумов, истакна Ѓорѓи Трендафилов, претседавач на НК на ГДУ

Небитно е што  ГП „Бетон“ АД Штип оди во стечај, битно е што правдата засега како што ја дал Господ, ќора, глува и нема, функционира беспрекорно, секако, доколку не и нудите искуство, тогаш на сила стапуваат сите земни и неземни закони.  Согласно Уставот и Законите, како што милуваат некои да кажат. Прашајте ги СДСМ. Тие потрошија осум години и неколку гарнитури јуноши и сениори да не убедат во тоа, за денеска чудесно да замолчат. Добро, освен најновиот јуноша кој има задача секојдневно да не забавува со изјави, прашања и разни апсолутно небитни констатации.

Затоа се измислени „работните групи” за „судбината” на СЈО тие имаа важна општествена обврска (иако нашата Специјална Обвинителка е крупна појава, сепак ја изгубивме ). Треба да се задоволат искусните, но да не ги оштетат оние вторите. Никако. Сигурноста на искусните им е прва на умот на „воаерите” кои во своја сопственост имаат на располагање широк спектар на „сечени, лепени и моннтирани снимки” за сечиј вкус. Иако освен Копа Америка годинава нема Светско во фудбал, можеме да ја споредиме пасијата на „колекционерите” со снимки како на оние со сликички за албумите, па следи на ти го, дај ми го, не го давам и сл.

 

Нацијата е во грч. Ќе има ли ново Пржино, што ќе биде со Прибе? Скарани ли се навистина Џафери и Мира? Кој е посилен, СДСМ или Заев? Што прави Жерновски?

И така почитувани пријатели, уживајте во топлотниот бран, следете ги препораките на Владата, ако сте војник очекувајте нова лепенка на старата униформа, ѕиркајте до каде е работата околу Екваторот и не заборавајте да скенирате фискални.

 

Запомнете, не сте сиромашни, вие сте искусни, истакна Ѓорѓи Трендафилов, претседавач на НК на ГДУ!

 

p.s. Насловот е цитат позајмен од Алан Форд

 

 

На почеток